Фирмите главно во плус, но добивката е помала од 2013

Bez autora
Mar 08 2015

Во каква кондиција е стопанството покажуваат финансиските извештаи на компаниите за минатата година, кои во изминатава недела ја преплавија веб-страницата на Македонската берза. Одлични профити прокнижија банките, а според неревидираните извештаи, повеќето од компаниите оствариле добивка во 2014 година, но таа е помала во споредба со претходната година. Брокерите велат дека резултатите на компаниите, што се веќе објавени, се добри, бидејќи повеќето имаат добивки. Сепак, според нив, цените на акциите на истите тие компании воопшто не соодветствуваат со позитивните финансиски резултати, односно се многу пониски отколку што би требало да бидат. Играчите на пазарат на капитал, со оглед на случувањата и во Европа и кај нас, се воздржани и не веруваат дека нешто драматично ќе се промени на пазарот на капитал во наредните месеци.

Фирмите главно во плус, но добивката е помала од 2013Во каква кондиција е стопанството покажуваат финансиските извештаи на компаниите за минатата година, кои во изминатава недела ја преплавија веб-страницата на Македонската берза.

Одлични профити прокнижија банките, а според неревидираните извештаи, повеќето од компаниите оствариле добивка во 2014 година, но таа е помала во споредба со претходната година.

Брокерите велат дека резултатите на компаниите, што се веќе објавени, се добри, бидејќи повеќето имаат добивки. Сепак, според нив, цените на акциите на истите тие компании воопшто не соодветствуваат со позитивните финансиски резултати, односно се многу пониски отколку што би требало да бидат. Играчите на пазарат на капитал, со оглед на случувањата и во Европа и кај нас, се воздржани и не веруваат дека нешто драматично ќе се промени на пазарот на капитал во наредните месеци.

Клучното прашање, пак, што си го поставуваат инвеститорите што поседуваат акции во водечките македонски компании е колкави дивиденди ќе поделат акционерските друштва, односно дали при распределбата на добивките приоритет ќе им дадат на инвестиции во компанијата или, пак, ќе им овозможат поголема заработувачка на своите акционери.

Банките веќе објавивме дека прокнижија одлични резултати со вкупна добивка од над 50 милиони евра. А од компаниите и натаму на врвот е фармацевтскиот гигант „Алкалоид“, која меѓу првите фирми го објави финансискиот извештај за минатата година. Оваа компанија лани остварила нето-добивка од над 10 милиони евра. Вкупните инвестиции во основни средства во 2014 година изнесувале 477.179 илјади денари, а компанијата реализирала и 72 нови вработувања.

„Се уште е рано да се даваат оценки за резултатите на македонските компании што редовно се тргуваат на пазарот на капитал кај нас, бидејќи се уште не се објавени резултатите за ’Макпетрол‘, ’Гранит‘, ’Топлификација‘, ’Скопски пазар‘ како составен дел на македонскиот берзански индекс. Од друга страна, во однос на банките може да се заклучи дека повеќето од нив имаат подобри остварувања во 2014 година и кај нив е реално да продолжи трендот на раст на цените на нивните акции и во 2015 година. Меѓутоа повторно големо значење и влијание ќе имаат кварталните остварувања во 2015 година, одлуките за исплата на дивиденда како и евентуалните шпекулации за можни преземања на некои од нив. Останатите компании надвор од групата на банки кои спаѓаат во македонскиот берзански индекс и воопшто кои се редовно тргувани во најголем број на случаи бележат стагнација или влошување на профитабилноста во 2014 година, со исклучок на ’Алкалоид‘, кој го задржува трендот на раст и во 2014 година“, вели Горан Марковски од „КБ Публикум“.

Од банките прва на листата според добивката е Стопанска банка – Скопје, со профит од 24,55 милиони евра во 2014 година, што претставува рекордно највисока добивка од годишно работење во историјата на таа банка.

НЛБ Тутунска банка прикажа добивка од 672.641.000 денари, односно од речиси 11 милиони евра.

Од големата тројка Комерцијална банка АД Скопје оствари нето-добивка за финансиската година во износ од 95,6 милиони денари, или 1,5 милиони евра, наспроти 78,9 милиони денари, или 1,3 милиони евра остварена нето-добивка во претходната година. Од Комерцијална велат дека тие се банка која го поддржува повеќе стопанството, отколку населението. Од таму информираат дека позитивниот финансиски резултат е остварен во услови на раст на домашната економија, при што состојбата кај корпоративното портфолио на банката и натаму бележи влошување, што резултира со пресметана поголема нето-исправка на вредност на финансиските средства.

И средните банки прокнижија одлични резултати.

Стопанска банка АД Битола објави дека оствари позитивен финансиски резултат, односно добивка во износ од 159,73 милиони денари, или 2,5 милиони евра. „Клучен придонес кон ваквиот раст имаа приходите од камати од редовното работење, како и приходите од наплатените претходно отпишани побарувања по камати согласно склучен договор за порамнување на парична обврска во вредност од 4 милиони евра. Зголемениот број на клиенти, зголемениот обем на кредитни работи и работи во платниот промет, како и доброто управување со трошоците, позитивно се одразија врз нето-приходите од провизии и надоместоци, така што тие се зголемени за 10,99 отсто во однос на 2013 година“, велат од Банката.

Охридска банка прикажа добивка од 232.247.000 денари, или 3,7 милиони евра, што е зголемување во однос на претходната година кога банката евидентираше добивка од 153.496.000 денари, или 2,5 милиони евра.

Централна кооперативна банка лани регистрирала загуба од 48,9 милиони денари. Претходната година, 2013, Банката имаше загуба од 49.417.000 денари.

Од компаниите во прехранбената индустрија, „Витаминка“ АД од Прилеп минатата година оствари вкупни приходи од 1.659.139 илјади денари, а остварените единечни вкупни расходи во 2014 година изнесуваат 1.600.569 илјади денари, вкупните инвестиции изнесуваат 92.645 илјади денари. Добивката на компанијата лани изнесувала околу 900.000 евра, а претходната година била 1,8 милиони евра.

РЖ „Институт“ минатата година ја заврши со добивка од 13,4 милиони денари, што како што велат од компанијата, е значително подобрување. Претходната, 2013 година добивката изнесуваше 3,86 милиони денари.

Компанијата „Реплек“ прокнижи помала добивка за лани во висина од 109.910.000 денари, а добивката во 2013 година изнесувала 130.695.000 денари. „Аутомакедонија“ исто така прикажала помала добивка лани од 7.591.000 денари, за разлика од 2013 кога добивката од 11.959.000 денари.

Ова се само дел од финансиските извештаи кои македонските компании ги објавија на Македонската берза, а наредната недела се очекува да продолжи објавувањето на резултатите на фирмите.

Ocenite tekst
Komentari
Prikaži više 
 Prikaži manje
Ostavite komentar

Prijavite se na Vaš nalog


Zaboravili ste lozinku?

Nov korisnik